Во насока на зголемување на безбедноста на граѓаните и на сообраќајот, Општина Карпош започна со реконструкција на улицата „Загребска“, која води до ЈЗУ УК за респираторни заболувања кај децата „Козле“.
Градежната интервенција се одвива во две фази. Во првата фаза се гради потпорен ѕид долж улицата, составен од осум кампади со должина од шест метри секоја, односно во вкупна должина од 48 метри. Во втората фаза следува реконструкција на коловозната лента во должина од 212 метри, до влезот на детската клиника „Козле“, при што старата коцкеста подлога ќе биде заменета со нов асфалт, а ќе се постават и нови рабници долж коловозот.
Изведувач на инфраструктурниот зафат е фирмата „Битем“ ДООЕЛ Скопје, а рокот за изведба изнесува околу еден и пол месец. Средствата се целосно обезбедени од Владата на Република Северна Македонија преку јавен повик, на кој Општина Карпош учествуваше со свој проект.