Историја
Со одлука на Советот за народно здравје на НРМ во месец февруари 1952 година е формирана специјална детска болница за белодробни заболувања, како санаториум за детска туберкулоза. Оваа болница со својата работа започнала на 02.06.1952 год. организирана во старите адаптирани згради на поранешниот родилен дом.
По земјотресот во 1963 година, со помош на Владите и хуманитарните организации на Норвешка и Шведска, како подарок на Скопје, на падините на планината Водно се изградила нова модерна болница од монтажен павилјонски тип со 5.000м² покриена површина, составена од 4 основни градежни целини (дрвена градба), сите функционално поврзани во еден комплекс и со капацитет од 200 кревети.
Новата болница започнала со работа на 25.12.1965 година. Прв директор на оваа установа и нејзин основач бил прим. д-р Климентије Милошевиќ.
Намалувањето на стапката на туберкулоза во Македонија било причина за развој на други стручни и научни активности — почеток на нова ориентација кон акутните и хронични белодробни заболувања кај децата. Болницата ги разви и рашири своите активности со силна поддршка на стручен кадар. Во 1970 година, за прв пат во Македонија беа формирани Кабинет за бронхологија и Кабинет за испитување на белодробната функција кај децата.
Со доаѓањето на проф. д-р Душан Теодосиевски како директор, установата започна трансформација во современа болница за сите белодробни заболувања кај деца, со доминантен ангажман во дијагностиката и третманот на акутни, рецидивни и хронични пневмопатии.
Во месец мај 1972 год. болницата станува наставна база на Медицинскиот факултет во Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ — Скопје.
Во 1974 год. болницата е регистрирана во Детска пневмофтизиологија како дел од Градската општа болница — Скопје. Истата година е оформена и првата единица за педијатриска интензивна нега во Македонија.
Во 1979 год. Собранието на град Скопје ја додели наградата „13 Ноември“ за особен придонес во педијатриската здравствена заштита.
Во септември 1992 год., со одлука на Министерството за здравство на РМ, детската пневмофтизиологија беше пререгистрирана како Клиника за белодробни заболувања кај децата. Тоа беше и времето на прославување на 40 години од почетокот на работа на установата.
Во согласност со Одлуката на Владата на РМ (26.12.2005), со трансформацијата на Градската општа болница, институцијата беше промовирана во ЈЗУ Клиника по белодробни заболувања кај децата — Козле, Скопје.
Со Одлука на Владата на Република Македонија од 2012 година започна изградбата на нова, современа болничка зграда. На 30.12.2015 година официјално беше пуштена во употреба новата зграда на ЈЗУ Клиника за белодробни заболувања кај децата „Козле“.
Со Одлука за основање од 24.10.2023 година, донесена од Владата на Република Северна Македонија, е основана ЈЗУ Универзитетска клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ — Скопје како правен следбеник на Клиниката.
По основањето на новиот правен субјект, Клиниката ги донесе актите: Статут (17.06.2024), Правилник за систематизација и внатрешна организација (27.06.2025) и колективен договор (16.04.2025).
Денес, под раководство на проф. д-р Катерина Бошковска и со посветеност на сите вработени, Клиниката континуирано работи на унапредување на својата дејност како установа од особено значење за заштита на здравјето на децата во Скопје и во Република Северна Македонија.