Црвениот крст на РСМ – Општинска организација Карпош, во периодот јануари–мај 2026 година, се вклучи во националната програма „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности“, преку која низ целата земја 1.200 младинци на возраст од 13 до 17 години, во групи, изработуваат мали проекти за придонес кон заедницата. Преку програмата, во ЦКРСМ – ОО Карпош беа опфатени 41 ученик на македонски јазик и 16 ученици на албански јазик, од пет средни и четири основни училишта, групирани во 12 групи и 12 проекти.
Еден од проектите го реализираа учениците од СУГС „Георги Димитров“, насловен „Проект за подобрување на условите во Болница за деца“. Во него беа вклучени осум младинци, кои реализираа 10 состаноци на тимот на проектот и неколку работилници за рачни изработки, како и тридневна собирна акција во Градскиот парк во Скопје и дводневна собирна акција во маркет.
Со собраните 32.500 денари беа набавени два мали фрижидери и еден повеќенаменски миксер за кујната на Клиниката за респираторни заболувања кај децата – Козле.